Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека тестовите за Ковид-19 кај него и кај претставниците на Кризниот штаб и лицата ангажирану во ризичните подрачја биле направени по вторпат, а резултатите ги чекале пет дена. Тој на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека средбата со владините претставници не била остварена на негова покана, туку на покана на Владата.
Оваа изјава следува по информациите што ги соопшти министерот Венко Филипче и премиерот Оливер Спасовски, дека не биле известени дека Димитриевски и членовите од Кризниот штаб чекале резултати за коронавирусот. Тие, заедно со вицепремиерот Бујар Османи, сега се во изолација.
„Во ниеден момент не сум дозволил да загрозам нечие здравје со моето однесување. Резултатите од тестовите што по вторпат се прават за целиот Кризен штаб и придружните членови и луѓе ангажирани во ризични подрачја ги чекавме пет дена. Средбата во Куманово со владини претставници не беше остварена на моја покана, туку на барање на Владата. Информацијата дека постојано се прават проверки на здравјето на лицата од општинскиот кризен штаб е јавна и ја знаат сите членови на штабот и институциите на министерството за здравство на локално ниво.Средбата се оствари за дополнително брифирање на владата и елаборација на фактичката состојба на терен поврзана со епидемијата за која укажуваме со недели.
Сите присутни носеа маски, освен во момент кога техничкиот премиер Оливер Спасовски и јас дававме изјави за медиумите, но државме препорачана дистанца“, вели Димитриевски.
Тој вели дека првиот тест што го направил пред две недели бил негативен, а никој од нив немал симптоми на коронавирусот
„Најмалку очекував дека ќе има позитивни тестови од членовите на штабот но очигледно големите контакти со луѓе во обид да се разрешат сите проблеми во градот со вирусот КОВИД 19, придонесе пет члена од општинскиот штаб да имаат позитивни тестови и сите тие од различни институции. Се поставува прашање ако се следат епидемиолошките алгоритми на комисијата за заразни болести како досега не бевме оценети како ризични бидејќи очигледно сме заразени од лице кое веќе имало вирус. Куманово е град каде има најголем број случаи според број на жители, секој од нас носи одговорност, јас најголема и поради тоа барав од Владата со недели да бидеме изолирани. Истрата нека ја утврди фактичката состојба и евентуалните системски недостатоци, пропусти и одговорност. Не сакам оваа ситуација да прерасне во јавна дебата без потреба, мора да се сконцентрираме и сите заеднички да ги насочиме силите и да ја поразиме епидемијата“, пишува Димитриевски на „Фејсбук“.