Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ја завршува тридневната работна посета на Турција со обраќање на претседателската сесија во рамки на 16. Евроазиски економски форум на тема „Униполарен свет или мултиполарен свет“.
На сесијата, јави известувачот на МИА од Истанбул, ќе учествуваат актуелни и поранешни претседатели на држави од речиси сите земји од регионот.
Во текот на вчерашниот ден македонскиот претседател се обрати на форумот на тема „Закани и можности во Евроазија“, со порака за обединување на евроазиските лидери во однос на актуелни теми кои се однесуваат на иднината на евроазискиот простор.
Шефот на македонската држава на маргините на самиот оствари средби со вселенскиот патријарх Вартоломеј и со претседателот на турскиот Парламент, Џемил Чичек, како и со турски стопанственици од регионот Коџаели.
За време на престојот во Истанбул, претседателот Иванов одржа предавање на Правниот факултет на Истанбулскиот универзитет за „Процесот на зачленување во ЕУ од перспектива на демократијата на човековите права“.