Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, како Главен координатор на Кризните штабови на единиците на локалната самоуправа за одбрана од КОВИД-19, заедно со заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески денеска беа во Прилеп, со цел директно на терен да ги согледаат состојбите и предизвиците со кои се соочува тамошното население во справувањето со КОВИД -19.
„Со оглед на тоа што заразата веќе не е сконцентрирана само на неколку точки, туку се работи за епидемиолошка слика која и просторно и географски се шири, улогата на општинските кризни штабови станува сè поважна, како за заштита на граѓаните, така и за севкупниот успех во справувањето со епидемијата и враќањето на состојбата во некаква нормала”, истакна Османи, притоа нагласувајќи дека Владата и во иднина ќе стави на располагање дополнителни ресурси за да им помогнат на општинските локални штабови, со што непосредно ќе им помогнат и на граѓаните.По вчерашниот повик на градоначалникот на Прилеп за поголем ангажман на Армијата на Северна Македонија, Армијата, рече Шекеринска, ќе му помогне на Прилеп, но и прилепчани треба да ги почитуваат мерките.
„Денеска е веќе забележително дека Армијата почна да функционира на еден нов начин. Уште од петокот, касарните започнаа да даваат поддршка на општините, кои бараат таква поддршка. Денеска, може да се види дека и во Прилеп и во Куманово, Армијата презеде активности со кои ја поддржува општината, но пред сè влијае на одржување и обезбедување на сите мерки за безбедност од страна на граѓаните во секојдневниот живот”, подвлече Шекеринска.
Министерката рече дека иако мерките го усложниле секојдневното живеење, тие мора да се почитуваат затоа што се за колективно добро.
„Задачата на Армијата и на припадниците, денеска во Прилеп не е за да се создаде страв, туку почитта која ја уживаат кај граѓаните да помогне при создавањето на ред. Сакам да ѝ честитам на општината, која е можеби прва во државата која ги обележа местата пред маркетите и банките, со што им препорачува на граѓаните каде да стојат и да ја почитуваат дистанцата”, рече Шекеринска.
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески ги истакна мерките за поддршка на транспортниот сектор се со цел транспортот да нема застој и навреме да се обезбедуваат сите неопходни материјали за работи во фирмите и секако продуктите за граѓаните.
Сугарески нагласи дека во делот на градежништвото исто така е продолжена важноста на сите лиценци и овластувања се со цел непречено функционирање на градежниот сектор. Во оваа насока Сугарески нагласи дека ова е многу важно, бидејќи капиталните инвестиции се од исклучителна важност за да може градежништвото да се одржи на едно ниво и во вакви услови.
„Морам да спомнам дека проектите за изградба и рехабилитација на патиштата, канализациите и водоводите тече нормално, нема поголеми застои во нивната реализација и очекуваме така да продолжи и во наредниот период. Плаќањата кон фирмите во градежниот сектор се одвиваат навремено што е многу важно за да можат и државата и фирмите заедно да ја пребродат оваа криза”, додаде Сугарески.
Денешната посета на Прилеп е дел од серијата средби со локалните кризни штабови и е со цел да се направи увид на терен за да им помогне на локалните самоуправи согласно активностите на централната власт, за да им се излезе во пресрет на граѓаните, но и за да се добијат реалните информации од терен за поефикасно спроведување на мерките.
Прилепскиот градоначалник Илија Јованоски претходно изјави на Прилеп во овој момент му е потребна помошта од Армијата, па 15-тина припадници на Армијата денеска правеа ред пред банките и маркетите.
„Тоа што вчера го побарав веднаш ни беше излезено во пресрет како помош во спроведувањето на препораките и одлуките од Владата и од Министерството за здравство. Ја добивме помошта од Министерството за одбрана и од Прилепската касарна и од изутрината од 8 часот се на располагање 15-тина припадници на Армијата, таму каде имаше потреба: пред маркетите и експозитурите на банките. Освен тоа, локалната самоуправа постави налепници „Стој овде“ пред маркетите и банките и граѓаните почнаа да се придржуваат кон тоа. Присуството на Армијата граѓаните го почувствуваа како загриженост, безбедност и сигурност. Наредните денови тоа ќе го правиме таму каде има потреба“, рече тој.