Не е време за хуманост, туку за спречување на заразата, му порачаа дел од охриѓани на епидемиологот од Институтот за јавно здравје, Жарко Караџовски, откако тој вчера порача дека не е хумано, ни коректно, ниту епидемиолошки издржано барањето на Општина Охрид да се забрани влез и излез за жители од други градови. Жителите на Охрид, но и околните туристички места преку коментари на социјалните мрежи изразија револт кон ставот на Караџовски.
„Дали е нормален Караџоски? И по првиот случај во државата излезе и кажа дека не може да се затворат границите, протокот на пари мора да течел. Па дали си нормален ти Караџоски, како сега сите граници се затворени? Италија како се штити, регионите се затвораат за други жители за да немаат заразени лица. Слободно нека го затворат Охрид дури е со време!“, е еден од коментарите на социјалните мрежи.
Охриѓани и покрај ставот на докторот Караџовски, не отстапуваат од барањето Охрид да биде затворен за време на велигденските празници, бидејќи, тридневниот карантин нема да ги спречи жителите на другите градови да отидат во Охрид. Некои од нив бараат Караџовски повеќе да не ја извршува функцијата на која е поставен.
„Абе браво, во Охрид има само четири случаи, па имаме полициски час поради други градови и држави. Хумано е да доаѓаат непрегледани во Охрид? Ти имаш грам ум?“, стои во еден коментар, а друг пак, вели: „Кажи нешто за тоа што сите сме затворени по домовите, или имаш стан/викендичка во Охрид и те боли сега? Обичниот народ може да биде затворен, а олигарсите не. Нив коронка ништо не им може“.
Револтот на коментарот од Караџовски оди дотаму, да охриѓани прашуваат „Да имаше повеќе заболени во Охрид, ќе го имаше ли истиот став? Или ќе бегаше како ѓавол од темјан? Зошто во Дебар не одиш? Дебар цел месец херметички е затворен!“.
Епидемиологот Караџовски, вчера од Владата порача дека не може да се затвораат општините, бидејќи во нив, оние кои имаат недвижнини плаќаат данок. Јавноста ова го оцени како контроверзно, бидејќи, додека се воведува тридневен полициски час, докторот вели дека не е во ред да се забрани влез и излез на граѓани во поединечни подрачја, а со тоа, индиректно ги оправдува да патуваат.
„Затворање во својата ‘љуштура’, своето ‘гето’ кое се вика ’Затворено за останатите жители на државата‘, прво не е коректно, второ, тие луѓе плаќаат данок на општината каде живеете, каде градоначалникот собира пари од тие луѓе. Трето, општината добива помош од државата, заштитните средства доаѓаат од овде, и тоа затворање на локално ниво или создавање на такви виргинални подрачја во која нема да има влез, ниту излез на други граѓани сè со цел да се заштитиме ние, не е хумано, ниту коректно и не е епидемиолошки издржано“, истакна вчера Караџовски.
Од Општина Охрид велат дека предлогот за забрана за влез и излез во градот е доставен до Централниот кризен штаб во Владата и очекуваат тие да се изјаснат. Тие велат дека нема да отстапат, а конечната одлука секако ја имаат други надлежни органи.
Освен Охрид, затворање на влез и излез бара и Кичево, но и други градови во државата. Сите апелираат Владата добро да размисли пред да ја донесе одлуката, бидејќи нивните предлози се со цел да се заштитат нивните жители, односно, да не се шири заразата од коронавирусот.
Доколку не се воведе ваква забрана, се покренува и прашањето колкава е оправданоста за воведување на тридневен полициски час за викендите или четиридневен за празникот Велигден, ако претходно, се наполнат излетничките места и викендичките со луѓе и се прави групирање на повеќе семејства на едно место, кои бегаат од неколкудневната изолација.