Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов попладнево на маргините на 16. Евроазиски економски самит во Истанбул оствари средба со вселенскиот патријарх Вартоломеј и со претседателот на турскиот Парламент, Џемил Чичек.
На средбата со Вартоломеј, јави известувачот на МИА од Истанбул, беше изразено задоволство од воспоставените односи на лично пријателство и меѓусебно разбирање и беа разменети мислења за повеќе актуелни теми од взаемен интерес, како и за планирање активности.
Македонскиот претседател му честита на вселенскиот патријарх за неговите активности и напори за обезбедување поголемо единство во православната егумена и за помирување на христијанството со другите религии и го поздрави неговото присуство на инаугурацијата на новиот папа во Ватикан.
На средбата со претседателот на турскиот Парламент беа потврдени одличните пријателски односи меѓу двете земји.
Претседателот Иванов ја поздрави парламентарната димензија во соработката, оценувајќи ја како исклучително значајна. Взаемен заклучок беше дека соработката меѓу двете земји е во постојан позитивен тренд во повеќе сфери.
Спикерот Чичек истакна дека Република Турција особено ја цени улогата на Република Македонија во регионот на ЈИЕ и дека Македонија како и досега ќе ужива силна и безрезервна поддршка на патот кон напредокот и реализацијата на стратешките цели.
На средбата беше разговарано и за можностите за соработка и взаемна поддршка на мултилатерален план.
Претпладнево македонскиот претседател се обрати на Евроазискиот економски самит на тема: „Закани и можности во Евроазија, со порака за обединување на евроазиските лидери во однос на актуелни теми кои се однесуваат на иднината на евроазискиот простор“.
Посетата на Турција претседателот Иванов ја завршува утре кога е закажана претседателска сесија во рамки на форумот, на кој учествуваат актуелни и поранешни претседатели од речиси сите земји од регионот.