Пандемијата на коронавирусот ги натера луѓето да останат во своите домови секаде ширум светот, а тоа се чини дека му годи на животинскиот свет.
Грците забележаа делфини во Солунскиот залив, низ сараевските улици се прошетаа диви коњи, а во Охрид се врати птицата наречена „голем нуркач“.
„На охридското пристаниште деновиве е забележан и Големиот Нуркач (Podiceps cristatus) фатен од камерата на наш член. Лебедите навлегуваат кон чаршијата а пак други врсти се охрабрени и слободно се чувствуваат по паркови, зелени површини“, соопштија преку Фејсбук од „Охрид СОС“.
Од Охрид СОС велат дека во вакви услови може да се забележи колкав е човечкиот притисок врз животната средина.
Големот нуркач е водна птица која обично снесува по две јајца. Додека се мали пилињата ги носат на својот грб и така ги учат да пливаат и нуркаат. Во главно се хранат со риби во големина од 7 до 22 сантиметри.
Во Велика Британија, во 19 век биле ловени речиси до истребување поради нивните пердуви на главите кои се користеле за декорација на женските шапки.