Евроазискиот економски самит е место на кое се сплотува искуството, мудроста и интелектуалната моќ на генерациите европски и азиски – евроазиски лидери, истакна претседателот Ѓорге Иванов во поздравното обраќање на форумот во организација на Фондацијата Мармара, што денеска и утре се одржува во Истанбул.
Според него, Мармара и оваа година дава одлична можност учесниците да разговараат за актуелни теми што се однесуваат на иднината на евроазискиот простор, пред се за заканите и можностите за Евроазија, за енергетиката, информатичко-комуникациските технологии и безбедноста, за образованието, здравствената заштита и како тоа се одразува на нашите држави.
– Нелсон Мандела рече дека добрите лидери можат искрено и длабоко да се впуштат во дебата, знаејќи дека на крајот двете страни ќе се приближат и заедно ќе бидат посилни, рече претседателот Иванов, изразувајќи уверување дека овие два дена форумот ќе овозможи искрена дебата за проблемите и можностите со кои се соочува оваа генерација.
Осврнувајќи се на темата „Закани и можности во Евроазија“, шефот на македонската држава рече дека живееме во време на големи и темелни промени, кога состојбата на светската економија е нејасна. Тој посочи дека промената секогаш носи можности, а на нас, додаде, е да ги препознаеме и искористиме тие можности.
– Минатата година реков дека ни е потребна нова ера на регионална соработка во Југоисточна Европа исполнета со конкретни проекти. Доволно ни е декларативност и формализам. Меѓу големите работи за кои се сомневаме дека се неостварливи и малите работи за кои честопати наоѓаме изговори дека немаме време да им се посветиме, постои опасност ништо да не направиме. Време е за конкретна соработка за доброто на нашите граѓани, истакна Иванов.
Обраќајќи се пред претставниците од 42 земји од светот, претседателот Иванов, јави известувачот на МИА од Истанбул, ги информира дека годинава Република Македонија претседава со најстарата автохтона регионална иницијатива – Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
– Во јуни ќе бидам домаќин на самит на кој ќе се зборува за конкретни нешта, за конкретни проблеми со кои се соочуваат нашите земји. Ќе разговараме како конкретно да придонесеме за поголема безбедност на нашите општества од природни и од човекот предизвикани катастрофи. Тоа ќе има директна импликација на постигнување одржлив економски раст и развој во услови на промени на секој план. Промени врз кои ние ќе можеме секогаш да влијаеме, но кон кои мора да се адаптираме, истакна Иванов.
Тој посочи дека кредибилитетот на регионалните иницијативи е доведен во прашање. – Граѓаните бараат дела. Оној што има привилегија да знае, има и должност да преземе нешто, за оваа, но и за идните генерации, рече македонскиот претседател на крајот од обраќањето на форумот и притоа најави дека утре, на претседателската сесија, ќе имаат можност да разменат мислења за овие клучни теми.
На Самитот на Мармара присуствуваат претседатели на држави, и на парламенти, министри и други видни личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедницата.
Ова е четврто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, кој секоја година се организира од 1998.
Во рамки на самитот во Истанбул ќе се одржи и дамска сесија насловена како „Искуството на жените во процесот на модернизацијата“, на која ќе учествува и сопругата на Претседателот, Маја Иванова.
Мармара фондацијата е група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.