Во Њујорк заврши рундата разговори за разликите околу името меѓу пратеникот на ОН Метју Нимиц и петставниците на Македонија и Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.
На прес-конференцијата по средбата амбасадорот Нимиц изјави дека се разговарало за конкретни предлози и оти очекува двајцата посредници да ги пренесат на своите Влади.
Нимиц потенцираше дека идеите што ги претставил претставуваат ново мислење од негова страна и изрази надеж дека двете страни ќе пронајдат позитивни елементи.
– Ги замолив амбасадорите Јолевски и Василакис да ги пренесат на своите Влади. Предлозите се конкретни и се надевам дека двете страни ќе се посветат на изнаоѓање решенија, изјави Нимиц.
Амбасадорот Нимиц го потенцираше високиот интерес кој владее за овие разговори во ОН, подвлекувајќи дека потсекретарот на ОН Џефри Фелдсман присуствувал на разговрите, што е прв ваков случај.
– Во текот на разговорите не посети потсекретарот Џефри Фелдсман да го изнесе и неговото гледање на разговорите и да ги увери сите дека и генералниот секретар Бан ки Мун е лично заинтересиран за ова прашање и оти се надеваме дека ќе биде изнајдено решение, изјави Нимиц.
Нимиц дополнително потенцираше дека и многу од европските земји и САД се заинтересирани за текот на разговорите. Оваа изјава ја даде во контекст на прашањето дали очекува разговорите да влијаат врз скорешната одлука на ЕУ за предлогот за отворање преговори.
Нимиц најави дека следната средба во овој формат може да се очекува за околу два месеца без да прецизира дали таа ќе биде во Њујорк, во Македонија и Грција или на локација во Европа.
Од македонски извори дознаваме дека Македонија е подготвена за посета на Нимиц.
Грчкиот учесник во разговорите Василакис потенцираше дека средбата може да се очекува по 5 мај и дека една од можните локации е и Брисел.