Јовановски: Странските инвестиции во земјава се намалуваат

Од:

Според СДСМ, македонската економија и понатаму тоне, а според релевантните индикатори земјата е веќе во рецесија и тоа официјално ќе треба да го потврди статистиката.

Ова го кажа потпретседателот на СДСМ, Зоран Јовановски, според кого „индустриското производство се намалува девет месеци по ред, невработеноста расте, а фирмите се гушат во неликвидност, не можат веќе да ја издржат оваа беспарица и се подготвуваат за нови отпуштања“.

„Премиерот Груевски не излегува да каже дали сме полоши или подобри од другите земји во Европа. Знае премиерот дека од 20 земји за кои има податок, само 3 земји од ЕУ во првите три месеци имаат полош економски резултат од македонскиот. Според логиката на премиерот полоши сме од 17 земји, затоа премиерот си молчи.

Во меѓувреме продолжија да доаѓаат тмурни статистички податоци. Во првите три месеци годинава јавниот долг кон странство продолжи да расте и надмина 28% од БДП. Македонија има денес поголем долг кон странство во споредба со моментот кога Груевски ја презеде власта.

Странските инвестиции во земјава наместо да се зголемат, се намалуваат. Само во април се намалија за 33 милиони евра. Зошто и оние странски фирми кои веќе работат во земјата добивката си ја однесоа дома наместо повторно да ја инвестираат тука“, рече Јовановски.

Според него, најстрашно е што во целиот овој период власта целосно заборавила на домашните инвеститори, кои и натаму биле оставени сами на себе.

„Без оглед на сегашнава катастрофа, власта не покажува знаци дека ќе го промени своето однесување. Непродуктивното трошење безмилосно продолжува. Секојдневно никнуваат нови, наводно безимени споменици, во време кога народот и фирмите страдаат. Доста е веќе, време е да победат разумот и одговорноста.

СДСМ не може да гледа како пропаѓаат државата и економијата. За 4 месеци на Владата и доставивме 37 економско-социјални мерки за полесно да се преживее 2012 година. Владата ги игнорира мерките, но ние не застануваме. Затоа, СДСМ организира стручна конференција за досега предложените мерки, оние на СДСМ, на Владата, на стопанските комори и тн. Конференцијата ќе се одржи во петок, на 6-ти јули 2012 година, и на неа ќе учествуваат реномирани експерти од земјата, стопанските комори и др. Се разбира, на конференцијата е поканета да учествува и Владата на Република Македонија“, рече Јовановски.

 

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Лукаревска: ВМРО-ДПМНЕ одби да се реконструира улицата „Ленинова“ во Скопје

СДСМ: Апсурд од премиер, Мицкоски кој врши партизација ветува деполитизација

(ВИДЕО) Митрески: Досега се нема случено во историјата на Собранието, ниту еден амандман да не е прифатен

(ВИДЕО) Тренчевска: ДПМНЕ одби амандман на СДСМ за изградба на пречистителна станица за отпадни води

Горан Наумовски

СДСМ: Мицкоски повторно демонстрира лицемерие и паника по консолидацијата на СДСМ

Мицкоски „не е импресиониран“ од новото раководство на СДСМ