Американскиот институт Вен, кој се залага за почитување на верските слободи во светот, ја критикува Грција поради кршењето на правото на верските заедници, вклучително и македонската, слободно да ја почитуваат својата вера.
Институтот Вен, во своите забелешки, тргнува од неодамна објавениот извештај на Обединетата македонска дијаспора, во кој се изнесуваат примери за кршење на правото на вероисповед.
– Положбата на македонското православно христијанско малцинство во Грција е очајна. Грчката Влада две децении одбива да издаде дозвола да се возобнови Македонската православна црква во Аридеја и има воспоставено комплицирани процедури со кои го казнува големото мнозинство на македонското население, како на пример одбивањето на грчките попови да крштеваат деца со македонски имиња. Раководството на Грчката православна црква како митрополитот Антимос од Солун активно повикуваше на насилство кон Македонците на грчката државана телевизија. Мрежа на информатори на ГПЦ, како јавни службеници на грчката држава, соработуваат со тајната полиција за да ги задушуваат македонските активности за поддршка на човековите права во земјата, пишува институтот Вен.
Во извештајот на Обединетата македонска дијаспора, кој го пренесува Институтот, се наведува дека во Грција, Грчката православна црква според уставот е прогласена за доминантна државна религија, со што свештениците само на оваа заедница се водат како државни службеници, а ширењето други вери, како и постапки како кремирањето, се забранети. Инсититутот Вен ги наведува примерите на судското гонење на турските муфтии од градот Ксанти, како поткрепа дека грчката држава го смета самото постоење на други религии како надвор од законот.
Меѓу верските заедници кои се наведени како обесправени во Грција, се разните христијански групи покрај верниците на Македонската православна црква, муслиманите, еврејската заедница, католиците, сиентолозите, Јеховините сведоци, мормоните, евенгелистите и разните протестантски групи.