Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов од денеска до четврток ќе учествува на 16. Евроазиски економски самит на Фондацијата Мармара во Истанбул, Република Турција.
Според програмата, претседателот Иванов утре ќе има поздравно обраќање на отворањето на Самитот на тема „Закани и можности во Евроазија“, а ќе се обрати и на сесијата на претседателите на тема „Униполарен свет или мултиполарен свет“, предвидена за четврток.
На Самитот Мармара најавено е присуството на претставници од 42 земји во светот, меѓу кои петмина претседатели на држави, четворица претседатели на парламенти, еден премиер, осум поранешни претседатели на држави, дваесет и двајца министри и други видни личности од општествениот и политичкиот живот, невладиниот сектор и бизнис заедницата.
Ова е четврто учество на претседателот Иванов на Евроазискиот економски форум на Мармара фондацијата, кој секоја година се организира од 1998.
Во рамки на самитот во Истанбул ќе се одржи и дамска сесија насловена „Искуството на жените во процесот на модернизацијата“, на која ќе учествува и сопругата на Претседателот, Маја Иванова. Обраќања на оваа сесија ќе имаат и претседателката на Косово Атифете Јахјага, претседателката на Парламентот на Албанија Џозефина Топали, принцезата Маргарита од Романија, како и првата дама на Албанија Одета Нишани.
Мармара фондацијата е група за економски и општествени истражувања која има за цел унапредување на односите меѓу ЕУ и земјите од централна Азија и Блискиот Исток. Формирана е во 1985 година и призната од страна на ОБСЕ и преку своите советодавни капацитети ја претставува Турција во Економско-социјалниот совет на ОН. Фондацијата активно е вклучена во подобрување на регионалната соработка со цел да помогне во максимизирање на можностите што ги создава процесот на глобализација и минимизирање на неговите негативни ефекти.
За време на престојот во Истанбул, македонскиот претседател ќе одржи предавање на Правниот факултет на Истанбулскиот Универзитет на тема „Процесот на зачленување во ЕУ, од перспектива на демократијата на човековите права“. Универзитетот Истанбул е една од најстарите образовни институции во Турција и во светот.