Печатењето пари апсолутно не е опција во овој момент, ние сме далеку од размислувањата катастрофични сценарија, изјави претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за бебедност, одговарајќи на новинарско прашање дали една од економските мерките е и печатењето пари, по урнекот на некои држави.
– На состанокот на Советот за безбедност беше и гувернерката на Народната банка и според она што го презентираше, ние не сме идеални во економскиот дел, бидејќи пандемијата си го зема својот данок, но далеку сме од размислувања за катастрофични сценарија. Печатењето пари не би требало да биде варијанта во ниту една ситуација, бидејќи кога ќе помине целата кризна сиуација ќе предизвика уште поголеми негативни реперкусии и по нашата национална економија, рече Пендаровски.
Според него, и други држави во овој момент не се подготвени тоа да го применат, имајќи ги предвид најголемите економии во светот, а не како нашата, која, како што рече, е зависна од глобалните економски трендови.
Во врска со најавените респиратори од Кина и набавката на други респиратори, Пендаровски рече дека таму постои проблем.
– Јас не чекав седница на Советот за безбедност, го знам проблемот од пред неколку недели. За жал, нашата пријателска Турција од непознати причини воведе ембарго на каков било извоз на респиратори иако тоа беше норвешка донација која практично беше пред самата реализација, јас сум во комуникација дневна со кабинетот на турскиот претседател, се разбира и сите останати претставници од Владата по своја линија, до овој момент немаме решение за тој проблем. Јас се надевам дека ќе најдеме. Се разбира дека ќе продолжиме со дипломатските напори да се одблокира таа помош која за нас е голема иако можеби за Турција и за некоја друга поголема држава не е толку голема. За нас е значајна и се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај нашите турски партнери и пријатели, рече претседателот Пендаровски.
Денешната седница на Советот за безбедност се одржа во проширен состав. Претседателот Пендаровски на 18 март, на предлог на Владата прогласи 30-дневна вонредна состојба во државата заради поефикасно справување со коронавирусот, а во тој период Владата треба да поднесува извештаи за ефектите од донесените мерки за заштита против корона вирусот, преземените активности и планови за постапување во иднина.