Мобилно тестирање за коронавирус почнува во Скопје, лекарите ќе доаѓаат дома

Од:

Како дополнување на системот на центрите за јавно здравје кои земаат примероци за тестирање за коронавирус од утре почнуваат со работа мобилните екипи. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека мобилната екипа ќе биде поддршка на веќе отворените пунктови за тестирање.

„Системот е спремен за мобилни тестови. Ќе почне да функционира во Скопје. Мобилните екипи ќе одат кај семејствата кои треба да се истестираат побрзо“, рече министерот Филипче.

Мобилните тимови ќе помагаат онаму каде што притисокот за тестирање кај матичните лекари е најголем.

Министерот најави два нови пункта за тестирање во Скопје. Еден во Чаир, кој ќе почне со работа утре и уште еден во поликлиниката Млин балкан кој се очекува да почне со работа до крајот на неделата.

Досега се направени вкупно 2800 тестови од кои 1700 во државната лабораторија. Министерот најави дека од утре со работа почнува лабораторијата на Ветеринарниот институт која има капацитет за 30 теста дневно, а Фондот за здравствено осигурување е во преговори со приватните клиники кои сега го наплатуваат тестот за покривање и на нивните трошоци па тестирањето и кај нив ќе биде бесплатно за пациентите кои имаат здравствено осигурување.

„ Комисија од Министерството за здравство го заврши увидот во ’Жан Митрев’, ’Систина’, ’Авицена’, а утре ќе направи увид и во лабораторијата ’Биотек’ за да се направи план за искористување и на тие капацитети, а во Фондот веќе работат на наоѓање на модел на соработка. Мислењата на епидемиолозите се дека ќе се зголеми бројот на тестирањата, согласно јавувањата кај матичните лекари“, рече министерот Филипче.

Тој извести дека се прават подготовки за организирање на транспортот на лицата кои се лекуваат во домашни услови, а треба да ја примат терапијата со сумамед и лекот против маларија. Има околу 200 вакви пациенти кои се во секојдневна комуникација со матичните лекари и епидемиолозите и засега сите имаат сосема лесна клиничка слика на болеста.
„Го развивме системот за транспорт и веќе следната недела пациентите кај кои ќе биде индицирано примањето на терапијата ќе бидат транспортирани до болница. Терапијата треба да се прими во болнички услови“, рече министерот Филипче и нагласи дека терапијата се дава исклучиво по проверка на срцето на пациентите, а резултатите се очекуваат по пет до седум дена од почетокот на терапијата.

Лицата сметени во карантин Филипче вели дека непотребно се стигматизираат. Уверува дека ниту еден од нив не е заразен со вирусот и дека сите се здрави луѓе кои не се опасни за околината. Четворица од луѓето во државен карантин имаат настинка и за тоа примаат лекарства.

Од утре во функција се враќаат амбулантите на Клиниката за дерматологија по карантинот поради ексдиректорката која цела недела доаѓала на работа пред да и биде дијагностициран коронавирусот.

Се разгледува можноста и во Заводот за рехабилитација работата да се сведе само на амбуланти откако неподвижен пациент беше заразен со коронавирус, но одлуката ќе се донесе откако ќе бидат готови резултатите на сите тестирани од Заводот.
Пациентот кому вчера му беше дијагностициран коронавирус во болницата „8 Септември“ министерот Филипче извести дека е пренесен на Клиниката за инфективни болести со што болницата „8 Септември“ е целосно подготвена да прими заразен со коронавирус кој има потреба од операција или интервенција за друга болест.

Би можело да ве интересира

Лидерот на СДСМ Филипче на средба во претседателката Сиљановска Давкова

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ секогаш биле и ќе останат политички „кукавици“

А1он

(ВИДЕО) Филипче: Денешниот конгрес е нов почеток, нова борба, нова надеж дека можеме да ја вратиме партијата на победнички патеки

А1он

Филипче: Да градиме мостови на разбирање и соработка

Филипче: Скопје е во криза, СДСМ иницира итна седница на Совет на Град Скопје

Филипче: Буџетот е скроен да се товари администрацијата со партиски вработувања,