„Почитувани во време на светска пандемија и вонредна состојба, при што граѓаните живеат во услови на полициски час и намалено движење, се соочуваме со огромно загадување во главниот и неколку други градови во републиката. Како жител на општина Карпош и мајка на две мали деца, со години веќе алармирам и еве повторно, Ве молам и апелирам да го согледате овој наш егзистенцијален проблем и да реагирате веднаш, бидејќи секое задоцнување ќе произведе навистина застрашувачки последици. Денес имаме голем предизвик пред нас. Се соочуваме со нов вирус, се бориме да ги заштитиме ранливите категории и да ја пребродиме полесно и побрзо епидемијата. И кога сите институции се во служба за здравјето на народот, крајно вознемирувачки e за жителите да им биде загрозено здравјето. Со вдишување на загаден воздух, белите дробови со години ни се под опсада на токсичниот чад. И да биде трагедијата поголема, Covid 19 ги напаѓа баш белите дробови. Доста ни е од несовесност и профит. Што уште треба да ни се случи за да проработи свеста?!!! Како што и не предупреди нашата мудра Атиџе „Доколку еден го прекрши правилото, сите ја плаќаме цената.“, се вели во граѓанскиот апел.
„Вирусот во сојуз со ПМ10 не бираат ни пол, ни нација, ни возраст ни религија. И ќе бидат безмилосни се додека не се освестиме. Се додека не сфатиме дека здравјето е пред профитот, човечноста е пред алчноста и животот на сите луѓе е подеднакво вреден и треба да го цениме и чуваме. Ве молам од мое име и од името на сите дечиња кои треба да имаат иднина на ова парче земја, да ги активирате сите надлежни институции дa ги лоцираат загадувачите и да ги спречат. Во спротивно силата и енергијата што си ја вложувате да не заштитите од Covid19, ќе отиде напразно. Не можеме да се бориме со вирус кој ги напаѓа нашите дишни органи, кога немаме услови за чист воздух за дишење. Искрено, Ве молам да ја согледате сериозноста и приоритетноста на ова прашање и да не дозволите да се шири грижа, страв и револт кај граѓаните. Повторно ќе нагласам, станува збор за нашето здравје и нашите деца. НИШТО НЕ Е ПОВАЖНО!!!
Сеуште искрено се надевам дека било каде ќе наидам на слух и дека веднаш ќе започнете со работа на ова сериозно загрижувачко прашање. Во овој предизвик, Ви посакувам многу успех. Доколку можам некако да помогнам, слободно контактирајте ме во било кое време.“, пишува во апелот на група граѓани.