-Добар ден, имате ли антибактериски…?
-Немаме ништо антибактериско!
Вака гласеше одговорот во десетина аптеки и поголеми маркети во Скопје кои ги посети екипата на „А1он“ денеска. Баравме антибактериски влажни марамчиња, антибактериски течни сапуни за миење раце, маски, ракавици… На сето ова, одговорот гласеше дека нема.
Средства за дезинфекција побаравме и на бензинските пумпи.
„Ах, антибактериските марамчиња одма ги разграбаа. Ама еве, ако сакате можете да се дезинфицирате со гелот што ни е оставен на каса“, ни предложија на една од бензинските пумпои.
Од антибактериските марамчиња за бришење раце на рафтовите во продавниците останати се само оние наменети за бебиња, кои во себе не содржат алкохол. Залихи во маркетите и во аптеките немаше ниту на маски, а речиси секој кој влегуваше ги бараше токму овие намирници. Алкохол за дезинфекција веќе одамна нема.
На денешната прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче му беше поставено ова прашање, кога и дали ќе бидат обезбедени основните средства за дезинфекција во аптеките и во маркетите, но поради големиот број прашања, ова не стигна на ред за да се даде одговор.
Во меѓувреме, од она што го забележа екипата на „А1он“, поголеми гужви во маркетите нема. Рафтовите за брашно се празни.
Во поголемите маркети се поставени линии со раздалеченост од еден метар, со цел луѓето кои чекаат ред да не доаѓаат во близок контакт.
Главниот град не личи на она што беше. Улиците се празни, а се шетаат само оние кои пазарувале намирници по аптеки или по маркети. Речиси сите носат маски и ракавици на рацете, вклучително и лицата во маркетите и вработените во аптеките.
Во дел аптеки е дозволен влез само на едно лице, а додека тоа не ги купи потребните лекови, останатите чекаат надвор. Во маркетите, лицата кои можат да влезат и да пазарат е поголем, но доколку се создаде гужва, се затвораат вратите и не се дозволува влез додека останатите не го напуштат објектот.