До 22 март мораториум на партиските активности за изборите на 12 април

Од:

Активностите за предвремените парламентарни избори на 12 април се ставени во мирување до 22 март поради спречување на ширењето на коронавирусот во земјата и почитување на мерките што ги усвои Владата. За мораториум на партиските активности телефонски се договориле премиерот Оливер Спасовски и лидерите на парламентарните партии. Партиите ги откажуваат активностите на терен и, според најавите, се насочуваат кон социјалните мрежи и електронските медиуми.

Премиерот Спасовски вчера соопшти дека разговарал со лидерите на политичките партии и дека до 22 март ќе има мораториум на сите активности имајќи ги предвид претстојните избори закажани за 12 април.

– Утрово искомуницирав со сите претседатели на партии и ме информираа дека се ставени во мораториуми сите активности на политичките партии, и тоа е добра порака дека за сите нас здравјето на граѓаните е поважно од што било друго. Тоа ќе трае до 22 март, изјави на прес-конференција Спасовски.

Како што кажа, тој разговарал со лидерите на СДСМ Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата на Албанците Зијадин Села, на Беса Биљал Касами…

Според Спасовски, најсилната порака до граѓаните во овој момент треба да ја пратат политичките субјекти.

Во изјава за медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека било договорено заклучно со 22 март да бидат замрзнати сите активности поврзани со парламентарните избори на 12 април. За тоа дали ќе се одложат изборите, Мицкоски кажа дека било договорено да се следи ситуацијата и да се донесуваат заклучоци.

– Се разбира дека во овој момент тоа не е прв приоритет. Прв приоритет е како да се заштитат граѓаните, како да се зголеми превенцијата од ширење на коронавирусот помеѓу граѓаните, да не се зголемува паниката меѓу населението, истовремено одржлива економска состојба да остане макроекономски план, а дури потоа можеме да зборуваме како трет или четврти приоритет за предвремени парламентарни избори, рече Мицкоски.

Во телефонските разговори, според него, било посочено дека ако има потреба, лидерите ќе се состанат на лидерска средба и порано пред 22 март и ќе донесат заклучок како би функционирале во иднина.

ВМРО-ДПМНЕ во моментот нема изборна кампања, вели тој, додавајќи дека сега сите активности поврзани со кампањата се трет и четврти план.

– Во прв план се макроекономската стабилност, здравјето на граѓаните и борбата со коронавирусот, рече Мицкоски.

Во партиско соопштение СДСМ најави откажување на сите партиски активности на терен и оти се насочува кон социјалните мрежи и електронските медиуми.

– Согласно препораките на државните институции, СДСМ ги откажува сите партиски активности на терен, а останатите активности ги приспособува и ги насочува кон социјалните мрежи и електронските медиуми. Како одговорна партија, активно ја следиме ситуацијата и постапуваме согласно мерките и препораките на институциите во функција на заштита на колективното здравје на граѓаните, соопштија од СДСМ.

Тие ги повикуваат граѓаните, но и сите други субјекти да постапат во оваа насока и своето ункционирање да го вршат приспособено на максимално почитување на мерките и препораките на надлежните институции.

Би можело да ве интересира

Писонеро: ЕУ очекува сите политички сили во Македонија да го поддржат напредокот на европскиот пат

A1on

Една четвртина од младите се пречесто на социјалните мрежи, според нив, партиите се најголем извор на неточни информации

A1on

ИКС: Најголемите партии се и најголеми сејачи на токсични наративи

A1on

Следува уште една изборна година

Ана Ололовска

Усогласување на владината програма и распределба на кадри во преговорите меѓу СДСМ и ДУИ

Ана Ололовска

ВИДЕО: ВМРО-ДПМНЕ бара Антикорупциската да отвори случај за финансирање на изборната кампања на СДСМ

А1он