Чичко Али (83) од Турција, кој има 18 деца, со својот моден стил предизвика огромно внимание во блогосферата.
Овој некогашен лекар, а денес кројач, живее во Берлин каде го забележала келнерката и фотографка Зое Спотон (29). Таа забележала дека тој секое утро минува покрај кафулето во кое таа работи. Гледајќи го како оди по улицата дотеран и среден, Зое го прашала дали може секое утро да го фотографира како е облечен.
Зое вели дека Али малку се збунил на овој предлог, но сепак љубезно се согласил и така е создадена страницата „Што облече Али“. Таа не сака да го открие неговото презиме, ниту точното место каде работи. Инаку Али и натаму работи шест дена во неделата.
Времето покажало дека Зое не е единствената која му се восхитува на стилот на Али, па блогот за кусо време постигна огромен успех, бидејќи дневно го прегледуваат 120.000 интернет корисници.
– Никогаш не сум размислувала за тоа да направам моден блог. Тука повеќе се работи за нешто друго, станува збор за документирање на нашето пријателство.
Можеби тоа е вистина, но сите ги забележуваат совршените комбинации на бои на Али, храбрите кроеви, големиот избор на капи и храброста во облекувањето.