Британскиот министер за финансии Риши Сунак денеска ја критукуваше одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да го забрани доаѓањето на Европејците во САД во борбата против новиот коронавирус, оценувајќи дека ефикасноста на таквата мерка, која не ја опфаќа Велика Британија, не е „докажана“.
-Не мислиме дека тоа треба да го прави, доказите не го потврдуваат тоа, рече Сунак за Би-Би-Си. Тој кажа дека Велика Британија нема намера да воведе таква забрана за патниците од земјите на ЕУ.
Сунак кажа дека Велика Британија се обидува да го запре ширењето на коронавирусот, истовремено увидувајќи дека сега е веројатно дека тој значајно ќе се прошири.
Забраната за влез во САД на патници од 26 земји на Шенген зоната стапува во сила во петок на полноќ по американско време и не се однесува на Велика Британија. Таа се однесува на сите лица кои престојувале во таа зона во последните 14 дена пред доаѓањето на САД, со исклучок на Американците и лицата со постојан престој во САД.
Во Велика Британија досега се регистрирани 460 заразени и осум починати лица, пренесе Би-Би-Си.
Британската Влада денеска ќе ги соопшти новите мерки за сузбивање на заразата, по кризниот состанок со кој претседава премиерот Борис Џонсон, пренесуваат француските медиуми.