Лидерот на СДСМ Зоран Заев по потпишувањето на договорот за заеднички настап на предвремените парламентарни избори на 12 април со лидерите од партиите од Коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ, рече дека не гледа можност да се одложат изборите и оти тоа не би била добра опција.
„Целта на утрешната лидерска средба кај премиерот Спасовски е лидерите на поголемите политички партии да разговараат околу модалитетите на кампањата, каков вид кампања е дозволена и што е пропорачливо за да можат партиите да ги промовираат нивните програми, кандидати и визии, а при тоа да се испочитуваат сите државни задолженија и препораки за заштита од корона вирусот. Можеби коронавирусот ќе не стави во позиција да користиме некој поинаков вид кампања. Електронските медиуми и интернет можностите ни се на располагање. Верувам дека ќе допреме до граѓаните. Важно е да не чујат за да гласаат. Важно е граѓаните да излезат и да гласаат, бидејќи успешноста на изборите не е иста дали ќе гласаат 45 отсто или 75 отсто од граѓаните“, рече Заев.