Косовскиот претседател Хашим Тачи побара од владата на Албин Курти под итно да се собере и да донесе одлуки во врска со таксата на српскиот увоз, онака како што бараат САД.
Преку објава на својата страница на Фејсбук, Тачи предупреди дека, со расипувањето на односите со Вашингтон, актуелната влада ја доведува во прашање иднината на државата.
– Како претседател на Република Косово барам итно од Владата на Република Косово да се собере и да донесе одлуки согласно официјалните барања на Соединетите Американски Држави. Доста ги расипувате нашите специјални врски со САД, без кои не би ја имале ниту слободата, ниту државата, ниту иднината. Со таквиот однос се доведува во прашање и самата иднина на нашата држава, напиша Тачи.
Според Тачи, односите со САД се од животно значење за Косово и конфронтирањето со нив би било „непростлива грешка“ во поновата историја на земјата.
– Сите ние, челниците на институциите, политичките лидери и владите, сме заменливи. Меѓутоа, од животно значење и незаменливи за Република Косово се единствено односите со САД. Конфронтирањето со САД е многу штетно и е непростлива грешка во модерната историја на Косово, порача Тачи.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп бара од косовските власти веднаш и безусловно да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Приштинските медиуми објавија дека од официјални лица од Вашингтон, меѓу кои се сенаторот Дејвид Пердју и синот на претседателот, Доналд Трамп Јуниор, се бара САД да ја разгледаат можноста за санкции, па дури и повлекување на американските војници од Косово, доколку Приштина не се покаже кооперативна во однос на нивните барања.
– Повеќе од две децении американските сили помагаат во зачувувањето на мирот меѓу Косово и Србија. Сега, со постигнатиот историски прогрес, Косово треба да го изврши својот дел и да ги укине сите обврски што ги постави пред Србија. Ако Косово не е целосно посветено на мирот, тогаш САД треба да го преиспитаат своето присуство таму, порача денеска преку Твитер сенаторот Пердју.
Предупредувањето на Пердју го поддржа Трамп Јуниор, како и специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалогот Приштина – Белград, амбасадорот Ричард Гренел.