ВМРО-ДПМНЕ во улога на јавна пералница на човечки мозоци се обиде со уште една манипулација да фрли црна дамка врз струмичкиот градоначалник, Зоран Заев, обвинувајќи го за учесник во организиран криминал и тврдејќи дека тој од продажба на парцела отстапена од државата, општина Струмица ја продала на близок пријател на Заев, а тој пак истата во неколку помали парцели ја продавал по 20 евра за метар квадратен, при што биле заработени еден милион евра.
Ова денеска на прес-конференција го истакна Васил Георгијевски, портпарол на струмичките социјалдемократи, кој истакна дека оваа продажба била поништена од Министерството за транспорт и врски, божем по препорака на пратеникот Васил Пишев.
– И на оние кои немаат допирни точки со таквата проблематика име е совршено јасно дека Министерството донело чиста политичка одлука со намера да и наштети на општина Струмица иако повеќе стотини парцели во Македонија се продадени на истиот начин. Ама како што многу пати се случувало досега, она што важи за сите други општини не важи и за општина Струмица. Во ВМРО ДПМНЕ мерат по аршинот на ваши и наши. Класичен пример за тоа е продажбата на парцела на фирмата „Жикол“ со површина од 133.000 метри квадратни аминувана од министерството за транспорт и врски. Според истите цени од математиката на ВМРО-ДПМНЕ овде не станува збор за заработка од еден милион евра, туку за фрапантни два милиони и 660 илјади евра – обвини Георгијевски.