Турската меѓународна агенција за соработка и развој (ТИКА) донираше 55.000 евра во рамки на кампањата „Да помогнеме навреме“ за реконструкција и адаптација на простор за педијатриски Ургентен центар на Клиниката за детски болести, во Скопје. Покровител на оваа кампања е сопругата на претседателот на Македонија, Маја Иванова.
Синоќа се одржа донаторски коктел за ВИП личности во МКЦ во Скопје, а на кој присуствуваа претседателот Иванов и неговата сопруга.
Донираните пари ги покриваат трошоците за градежна адаптација на просторот. Дополнително е потребна и соодветна медицинска опрема, која ќе најде ефикасна примена во реконструираниот простор и ќе овозможи побрза и поквалитетна интервенција за ургентните случаи.
Проектот со донации од над 120.000 денари го помогнаа и компанијата „Тинекс“, амбасадата на Катар, амбасадата на Сојузна Република Германија, Унија финансиска Скопје – подружница на Вестерн јунион, како и компаниите „Алкалоид“ и „Кожувчанка“.
На донаторскиот коктел присуствуваа директорката на Клиниката за детски болести, д-р Аспазија Софијанова, која е координатор на кампањата, како и партнерите на националната кампања, Мариет Шурман, амбасадорка на Кралството Холандија во Македонија, Мери Џ. Волерс, сопруга на амбасадорот на САД во Македонија, непрофитната организација ЛинкАкрос и претставници на маркетинг агенцијата „Њу момент“.