Поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај побара одржување на конференција на косовските политички лидери, на која ќе се усогласат ставовите пред постигнувањето конечен договор за решавање на споровите меѓу Косово и Србија.
Лидерот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК) изјави дека на лидерската конференција која ја предлага треба да учествуваат Соединетите Американски Држави како посредник и Европската унија како олеснувач на дијалогот.
– Дводневната конференција составена од претседателите на политичките партии би ги повикала и водачите на дијалогот, САД, како и олеснувачите, ЕУ. Оваа конференција, која би се одржала во Косово, за почеток би можела да донесе единствен став на Косово, со што би им ја олесниле работата на посредникот, Америка, и олеснувачот, ЕУ, за постигнување договор, изјави Харадинај.
Тој нагласи дека дијалогот не може да го води претседателот на државата Хашим Тачи, затоа што ја поддржа корекцијата на границите и поделбата на земјата, ниту пак премиерот Албин Курти, поради тоа што настојува да ја укине таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина пред признавањето на косовската независност од страна на официјален Белград.
Според Харадинај, Курти и претседателката на Собранието Вјоса Османи се „политички аџамии“, затоа што предвреме понудија да ја укинат таксата од 100 отсто на српскиот увоз, која тој како премиер ја воведе во ноември 2018 година.
– Јас сум за тоа таксата да се укине, но во замена за конечно признавање од Србија. Господинот Курти и госпоѓа Османи се политички аџамии. Тие го понудија предвреме укинувањето на таксата. Го предадоа целиот процес сега кај Тачи и, не наоѓајќи друг пат, сега одат и се кријат во рамката на ЕУ, што е класична грешка, изјави Харадинај.