Итно воведување на сеопфатно сексуално образование, заштита и превенција на семејно и родово базирано насилство од институциите, но и стопирање на двојната виктамизација која постои во повеќе институции побараа денеска активистите за женските права кои попладнево маршираа во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март.
Маршот традиционално е организиран од Платформата за родова еднаквост, под мотото „Ти не си виновна!“, а како што истакна Калија Димитрова од Хелсиншки комитет за човекови права, целта на денешното марширање е да ја прослават историската феминистичка борба, но и да потсетат дека патот за родовата еднаквост не е завршен.
Тука се, како што рече, да кажат дека жените сакаат, бараат и заслужуваат повеќе.
-Јас не познавам ниту една жена која не била жртва на некаков вид на родово базирано насилство или возменирување, тоа е нашата реалност. Обвинувањето на жртвата мора да заврши. Оваа година марширавме под слоганот „Ти не си виновна!“, поттикнати од еден од најдовратните случаи на родово базирано насилство во земјава, односно телеграм групата „Јавна соба“, каде стотици девојки и жени беа изложени на родово базирано насилство, а тоа не беше адресирано како такво во јавноста, рече Димитрова.
Корените на овој проблем, според неа, се во родовите стереотипи, двојната виктимизација, осудувањето на жртвите кое што појасни дека мора да се решава во сите институции, во образованието, но и во семејствата. Таа потсети дека оваа Влада, но и секоја наредна без разлика на идеолошката определба има должност и обврска да се бори за родовата еднаквост во земјава.
Мери Цветковска од ХЕРА на денешниот марш порача дека борбата за правата на жените уште не е завршена, а овој Меѓународен ден за женските права и нивната благосостојба, според неа, ја одбележува историската и сеуште актуелна борба на жените за економска, политичка и социјална рамноправност во општеството.
-Кога ќе решиш да излезеш од комформизмот, кога нема да ти биде важно осудата од групата во која полесно ти е да припаѓаш отколку да се двоиш, тогаш кога ќе се слушнеш себе си и сите жени чии неправди си ги чула или си ги посведочила, тогаш чувството за правда и солидарност ќе ти се роди повторно, и баш тогаш ќе ти текне дека всушност не си ти виновна, им порача Цветковска на сите жени по повод денешниот празник, истакнувајќи дека жената не е виновна за нееднаквите плати, за добиената шлаканица, лузните и омаловажувањето, а уште помалку за себичноста на другите и нивната желба за манипулација и злоупотреба на личните податоци и приватност.
Таа им порача на сите жени да се борат и за жената која до вчера не гласала, да се борат за силуваните девојки во Индија, за нееднаквите плати меѓу мажите и жените низ целиот свет, за суптилната омраза која подеднакво е опасната како експлицитната.
– Бори се за немоќните, бори се за себе. Бори се за воведување на сексуално образование во училиштата, затоа што еманципирана младина е здрава младина и среќна младина. Бори се против стигмата и табуата, охрабри се, биди емпатична и силна. Отсрами се, врати им го срамот на оние кои им припаѓа и повтори си јас не сум виновна, додаде Цветковска.