Девет месеци од отворањето на четирите предмети против охридскиот советник од ДУИ, Нефи Усеини, Обвинителството и натаму не знае дали судски ќе го гони за делата за кои го сомничи. Усеини се товари за тепачки, градење дивоградби, фалсификување, узурпирање на државен имот.
Обвинителите кои постапуваат по предметите против него, како и пред три месеци, за „А1он“ го повтораат истиот став, дека се работи на прибирање докази, анализирање и расчистување на случаите.
Охриѓани не веруваат дека ќе се стави крај на дивеењето на Усеини во градот. Обвинителството кое треба да го гони криминалот кој советникот го прави, молчи за тоа какви докази собира со месеци и кој го кочи во тоа, поради што ниту еден случај нема јавнообвинителска одлука. За тоа време, против Усеини кој има нападнато две лица и е сопственик на две дивоградби за кои и самиот знае да се пофали, нема никаква санкција. Охридскиот советник е ослободен од еден случај, за нападот на професорот Илјаз Илјази кој беше натепан пред неговото престојувалиште во Охрид. Обвинителството кажа дека не знае за настанот, односно не добило пријава од СВР Охрид.
„Во Основното јавно обвинителство Охрид за лицето за кое прашувате се постапува во четири предмети. Еден од нив е отворен во јуни 2019 година, по кривична пријава од физичко лице и известување од СВР Охрид и во момонетов се анализира прибраниот доказен материјал по што ќе следи донесување на јавно обвинителска одлука. Во јуни 2019 е отворен и предмет по поднесена пријава од СВР Охрид, откако оштетени ја поднел пријавата, бидејќи според наводите, бил физички нападнат од осомничениот откако се изјаснил дека нема да гласа по одредена точка од дневниот ред на седница на Советот на општината. Во тек е преземањето на дејствија за расчистување на настанот“, велат од Обвинителството за предметите отворени по тепачките на Усеини.
Базата и пицеријата на Усеини нема да се отстрануваат наскоро, а ниту тој нема да одговара за узурпација на државно земјиште и бесправно градење, доколку се следи динамиката со која постапуваат надлежните обвинители. Тие и по девет месец од отворањето на предметите, за двете дивоградби, чекаат документација од институциите, како и вештачења Бирото за судски вештачења и Градежниот факултет. За пицеријата кај Чинарот, документација се чека и од Општина Охрид.
„Побарано е и од општина Охрид да достават документација, за кое барање е доставена и ургенција. По пристигнување на побараната документација ќе биде донесена одлука. Предметот за бетонската база е во истрага. Обвинителството издаде наредба за вештачење и извршено е градежно вештачење од Бирото за судски вештачења“, велат од Обвинителството.
Управата за извршување санкции за „А1он“ достави казнена евиденција за советникот на ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усеини. Според неа, Усеини во периодот од 2005 година до 2011 година трипати бил во затвор за фалсификување исправи и за насилство. Во затвор поминал вкупно една година и пет месеци, а има и неколку условни казни. Тој е советник од 2017 година.