Зоран Заев заедно со генералниот секретар Љупчо Николовски се сретана со претседателот на Националниот совет на Австрија, Волфганг Соботка.
На средбата е разговарано за напредокот на Македонија во евроинтеграциите, процесот на реформи, како и соработката меѓу двете земји.
Претседателот на СДСМ, Заев истакна дека сите институции се силно посветени на европската агенда, а тоа е потврдено и со последниот извештај на ЕК каде е нотиран напредок во делот на реформите во правосудството, безбедносниот сектор и администрацијата.
Заев порача дека Австрија е сериозен економски и политички партнер на нашата земја и затоа е важно соработката да се продлабочи.
„Австрија, со своите компании кои се присутни овде е еден од најголемите и најсериозни економски партнери на Северна Македонија. Освен во економијата, Австрија позитивно влијае и на реформите во образованието преку спроведување на процесот на дуално образование во чие спроведување учествуваат и компании со австриски капитал“, посочи Заев.
Од страна на австрискиот претставник, Соботка е истакнато дека Австрија е долгогодишен поддржувач на Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите и дека пред европските партнери ќе се заложи грешката од октомври да биде исправена.
Тој го поздрави успехот на нашата држава во реформите и изрази уверување дека добрата соработка помеѓу двете земји ќе се интензивира.