Државната изборна комисија на денешната седница не го прифати предлогот на потпретседателот Супхи Јакупи насловната и заклучната страница од изводите на Избирачкиот список по избирачки места согласно чен 31 став 5 од Изборниот законик, да биде и на јазиците на заедниците кои во општината се застапени 20 проценти.
За претседателот на ДИК Борис Кондарко предлогот има законска основа, но само пет дена пред изборите, според него, постои голем ризик од техничка природа, за што одговорноста би била на ДИК.
ДИК по барање на Општинската изборна комисија Ресен во врска со остварување на гласачкото право на граѓани кои се идентификуваат со биометриска патна исправа издадена од МВР, а во која како место на живеење е наведена Република Албанија, заклучи дека не смее да им се дозволи да гласаат на граѓаните кои се идентификуваат со биометриска патна исправа издадена од МВР, доколку не е наведена постојана македонска адреса. Овој заклучок, ќе биде дистрибуиран до сите ОИК.
На денешната седница ДИК треба да расправа и по Предлог-решенијата за повторување на гласањето согласно член 151 став 3 од Изборниот законик, како и по предлогот на донесените пресуди од Управниот суд заради објавување на конечни резултати од страна на ДИК од гласањето одржано на 24 март.
Претходно, ДИК донесе одлука за разрешување на Општинската изборна комисија во Чаир и 13-те избирачки одбори откако беше утврден непосредно од нивна страна поинаков резултат од оној даден со записникот.
Предлогот за разрешување на ОИК и избирачките одбори го даде Бедредин Ибраими, член на ДИК, на што се спротивстави потпретседателот Супхи Јакупи кој смета дека треба да биде разрешен само претседателот на ОИК и по итна постапка да биде именуван нов.
Членовите на ДИК заедно со претседателот Борис Кондарко се согласија дека тие само утврдиле прекршување на постапката односно дека ОИК не постапила според Законот за што е и избрана, но други надлежни органи треба да утврдуваат чија е вината.
Кондарко најави дека ќе бара разрешување и на околу 20-ина избирачки одбори за кои од страна на ДИК беа делумно прифатени приговорите и е донесена одлука за дисциплински постапки.