Министерството за информатичко општество и администрација и Фондација Метаморфозис првпат организираат хакатон за отворени податоци, со поддршка на Проектот на УСАИД за Граѓанско учество и Фондот за иновации и технолошки развој.
Како што информираат од МИОА, овој 32 часовен предизвик има цел да собере и поттикне млади, креативни и иновативни луѓе да изработат демо иновативни софтверски и мултимедијални решенија.
На настанот може да се пријави секое лице со наполнети 18 години, поединци или тимови кои работат со обработка и прикажување на отворени податоци од различни области.
Потребно е секој тим да биде составен од членови кои имаат познавања во развој на веб-апликации, дизајн, софтвер, економија, бизнис и маркетинг и мултимедија.
Простор за хакатонот ќе обезбеди Фондот за иновации и технолошки развој, а АД Македонски Телеком ќе награден фонд од 5.000 евра за најдоброто решение.
Хакатонот за отворени податоци ќе се одржи од 13 до 14 март 2020 година, а пријавувањето на поединците или тимовите ќе трае до 9 март 2020 година.
Пријавените учесници ќе имаат можност да се запознаат со деталите и концептот на предизвикот за време на буткамп, кој ќе се одржи на 12 март 2020 г. во Скопје, наведуваат организаторите.