„Вчерашниот ветер буквално ја соголи административната зграда на МЕПСО, голем дел од фасадата се најде на земја. Притоа, откорнатите парчиња стиропор оштетија неколку службени возила, a откорнети се и околу десетина клима уреди. Налетот на ветрот покажа во само неколку часа колку безбеден може да биде проектот „Скопје 2014“ и за животот на луѓето“, соопшти Ева Шуклева.
Генералната директорка на А.Д. МЕПСО, Ева Шуклева изјави дека има делови кои и без ветрот, во секој момент може да се урнат.
Таа нагласи и дека нивните екипи прават увид на настанатите штети од покривот на зградата.
Според Шуклева, целиот простор е обезбеден, а полицијата направила записник, од безбедоносни причини е ограничен и просторот за движење.
Стручните лица вршат проценка за настаната штета.
Генералната директорка истакна дека барокната фасада е нова состојба за сегашното раководство во чие поставување нема никаква улога.
„Донесена е одлука за внатрешна ревизија што треба да утврди фактичка состојба во врска со превземените обврски на изведувачот и согласно склучениот договор од 2013 година“, додаде директорката.
Таа нагласи дека од нејзиното доаѓање на функцијата тие ја започнале процедурата на целосна ревизија, реконструкција и адаптација на управната зграда на А.Д. МЕПСО.