ВИДЕО: Истрагата за порнографската група „Јавна соба“ во ќорсокак, „Телеграм“ не дава информации за членовите   

Од:

Социјалната мрежа „Телеграм“ не дава информации за членовите на порнографската група „Јавна соба“  во која се споделуваа експлицитни видеа и фотографии од македонски девојки, меѓу кои и малолетнички. Техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев вели дека седиштето на „Телеграм“ во Лондон ја затворило групата и ја прекинало понатамошната соработка.

„Во однос на ‘Јавна соба’ која што беше на ‘Телеграм’ ги контактиравме сопствениците во Лондон, ја затворија групата меѓутоа не ни дадоа никаква повратна информација. Утврдени се едниот администратор и едниот модератор. Против нив е поднесена соодветна кривична пријава меѓутоа со оглед на несоработката на сопствениците на ‘Телеграм’, едноставно тие одбиваат каква било комуникација, а тоа ни беше соопштено и од други партнерски држави дека ‘Телеграм’ не дава какви било информации во однос на барањата коишто произлегуваат од властите на државите, ние без соработка на ‘Телеграм’ не можевме да ги утврдиме оние учесници во ‘Јавна соба’ коишто објавиле инкриминирачки материјали согласно Законот за да може да ги процесуираме“, рече министерот Чулев.

МВР не можело да преземе мерки ниту по пријавените жртви на „Јавна соба“ чии видеа и фотографии биле споделувани во групата без нивна согласност.

„Жртви имаше во Тетово, имаше во Штип, но дел од лицата коишто се пријавија како жртви едноставно не ги исполнуваат елементите за водење на каква било кривична постапка. Мора да бидат исполнети елементите од Кривичниот закон. Некои од жртвите коишто се пријавија едноставно не можат да бидат опфатени со Кривичниот закон“, објасни министерот Чулев.

Покрај пријавите за администраторот и модераторот, министерот Чулев најави дека одговорност ќе бараат и од сите членови кои споделувале порнографка содржина во групата и најави дека сите поединечно ќе ги повикаат на разговори.

Групата „Јавна соба“ имаше околу 8000 членови меѓу кои имаше имиња на политичари, бизнисмени и новинари.

„А1он“ минатиот месец објави дека во тајна група на „Телеграм“ се споделуваат порнографски видеа и фотографии од малолетни девојчиња, а за групата на социјалните мрежи алармираше професорка од средно училиште која предупреди дека „пред очи ни се случува дегенерација на новата генерација млади и општ пад на моралот на сите нивоа“.

Би можело да ве интересира

Поведена истрага против жител на струшко Велешта за детска порнографија

Телеграм ја прилагоди својата политика за приватност за да сподели повеќе податоци со властите

Украина ја забрани употребата на Телеграм на официјалните уреди на службениците

Дуров: Помогнав во борбата против тероризмот во Франција

Шефот на Телеграм Дуров останува во притвор во Франција

Катерина Ѓуровски

Уапсен сопственикот на Телеграм