Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека еден израелски авион го надлетал Судан што се смета за историски лет на кој му претходел состанок со лидерот на оваа арапска земја во Уганда.
Нетанјаху пред две недели се сретна со генералот Абдал Фатах Бурхан кој се наоѓа на чело на преодната суданска Влада.
Ова е голем исчекор кон подобрување на врските со земјата која долго време беше непријателска кон Израел.
Израелскиот лидер средбата ја оцени како уште една во серијата достигнувања во надворешните односи пред парламентарните избори закажани за 2 март, трети за помалку од една година.
Израел и Судан „дискутираат за брза нормализација“ , рече Нетанјаху синоќа на Конференцијата за претседателите на главните американски еврејски организации во Ерусалим, додавајќи дека „ова е прв израелски авион што вчера минал низ воздушниот простор на Судан“.
Неименуван извор од израелската Влада кажал дека тоа бил приватен авион, а податоците за летот покажувале дека Судан во ноќта меѓу четвртокот и петокот го надлетал приватен авион на летот од Киншаса, во Конго, за тел Авив.
Остана меѓутоа нејасно дали Нетанјаху зборува за истиот лет.
Судан, долгогодишна членка на Арапската лига, им се приклучи на останатите членки кои го одбија американскиот мировен план за Блискиот Исток, за кој кажаа дека е пристрастен кон Израел.
Новите власти во Судан, меѓутоа, се обидуваат да ги обноват економските врски за завршување на американските санкции воведени бидејќи земјата се наоѓа на листата на држави спонзори на тероризмот.
Средбата на Нетајанху со Бурхан не беше однапред најавена.