Врз основа на поднесените приговори од ДПА на 13 избирачки места во општина Чаир ќе има прегласување, одлучи Државната изборна комисија (ДИК). Одлуката да се поништат резултатите е донесена на маратонската седница на ДИК која почна вчера претпладне, а заврши утринава.
Како што појасни членот на ДИК од ДПА Бедредин Ибраими, причина за поништувањето на гласовите во 13. изборачки места е преправањето на веќе запишаните бројки за резултатите од гласањето од страна на изборачките одбори.
– Над бројката која веќе била запишана се преправени други бројки и нормално ставени се печатите од избирачките одбори и потпис на претседателот на избирачкиот одбор, рече Ибраими.
За одлуката на ДИК, ДУИ може да поднесе жалба до Управниот суд и да го оспори прегласувањето, во спротивно, пак, на 7 април, додека ќе се одржува вториот изборен круг, на овие 13 избирачки места ќе се спроведе прегласување.
Во општина Чаир кандидатот на ДУИ, Изет Меџети, освои 51,38 отсто од гласовите што е потребен цензус за победа во првиот круг, додека кандидатот на ДПА, Мухамед Тачи, имаше 17,99 отсто од гласовите. Со прегласувањето на 13 избирачки места се намалува цензусот на Меџети на 48 отсто. Нема да има прегласување бидејќи не станува збор за повреда на избирачкиот процес, туку ќе има директно втор круг зошто резултатите се фалсификувани.
Вчера ДИК ги прифати приговорите за три избирачки места во општина Струмица. Меѓутоа овде имало повредеа на текот на гласањето па затоа на 7 април ќе се прегласува на овие избирачки места, па доколку цензусот на Заев падне под 50 проценти тогаш втор изборен круг ќе се организира на 21 април.
Вчера исто така не беа прифатени приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за гласањето во општина Кичево.
Денеска до 19 чсот истекува рокот до кога партиите можат да поднесат тужби до Урпавниот суд и да ги оспорат резултатите. Одлуката на Управниот суд е конечна.