Претседателот Стево Пендаровски денеска во Минхен, на маргините на 56-та Минхенска безбедносна конференција, оствари билатерални средби со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа, со претседателот на Република Молдавија, Игор Додон и со премиерот на Канада, Џастин Трудо.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, на средбата на Пендаровски со претседателот на Република Литванија, Гитанас Науседа беше констатирано дека односите меѓу Северна Македонија и Литванија се традиционално добри и пријателски, со континуиран политички дијалог.
Пендаровски, како што се наведува, се заблагодари за досегашната поддршка од Литванија во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во иднина.
Пендаровски подвлекол дека за нас е клучно што поскоро државите членки на ЕУ да се усогласат за новата методологија за преговарање и нашата држава да добие датум за почеток на преговорите за време на хрватското претседателство со Европската Унија.
На средбата, како што се наведува, беше изразена подготвеност за развој на економската соработка, како и за унапредување на договорната рамка меѓу двете држави.
На средбата со претседателот на Република Молдавија, Игор Додон беа разменети мислења за севкупните билатерални односи при што беше констатирано дека повеќе од две децении двете држави негуваат пријателски односи и меѓусебно почитување.
Двајцата соговорници оценија дека е потребен континуиран политички дијалог со заемни заложби за понатамошно унапредување на соработката на билатерален и мултилатерален план преку размена на официјални и работни посети на високо ниво, стои во соопштението.