Рихванд или бекдроп, што е шарфер, a што клапер, разликата помеѓу извршен и линиски продуцент, се дел од дефинираните поими што ги содржи Прирачникот за филмаџии, прв прирачник за филмските работници што го издаде Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ).
„Филмската индустрија е многу сложена и во продукцијата на еден филм се вклучени голем број работници и автори кои мора прецизно да знаат што работат и колку за тоа имаат време и буџет. Во пресрет на 70-годишнината на ДФРМ, сметавме дека е потребно едно вакво систематско подредување и дефинирање на поимите и описите на функциите во филмот. Прирачникот е всушност филмскиот буквар, кој секој филмаџија мора да го знае инстинктивно, доколку сака да се занимава со филм“, изјави Игор Иванов, претседател на ДФРМ.