Владата го прифати барањето на Адвокатската комора и на адвокатите за ставање надвор од примена на Законот за адвокатски маркички, со што ќе се овозможи фискализација на адвокатските услуги.
– Министерството за финансии на првата седница на Владата ќе предложи измена на Законот со цел да се стави вон сила и да се премине на вообичаениот систем на оданочување на услугите на адвокатите во делот на готовинските трансакции преку фискални апарати, а во делот на плаќањето преку жиро-сметка тоа ќе се биде вообичаено, информираше денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Со тоа, според него, се излегува во пресрет на адвокатите со цел да се воспостават еднакви услови на пазарот и функционален систем за практична примена на даночната постапка. Се овозможува, појасни тој, на наједноставен и најтранспарентен начин адвокатските да бидат изедначени со сите останати интелектуални услуги. На тој начин идентично работат и извршителите, нотарите, стоматолозите, докторите, книговодствените бироа…
– Со ова Владата уште еднаш покажа конструктивност кога станува збор за разговори со одделни структури во општеството во насока на изнаоѓање решенија што се најпрагматични, најсоодветни за соодветната фела, а од друга страна сепак да го заштитиме даночниот систем и плаќањето на даноците да не биде доведено во прашање, односно следењето на плаќањето на даноците, особено кога станува збор за готовинските плаќања, да се врши преку фискализација и фискални апарати, рече Ставрески.