Извршниот директор на МЗТ Скопје Аеродром, Тони Грнчаров, најави промени во составот на македонскиот кошаркарски шампион.
МЗТ Скопје е лидер во Првата лига и второпласиран на табелата во регионалната АБА 2 лига.
– Резултатски не можам да бидам незадоволен од тоа што досега е направено, но нормално е секогаш да се цели кон нешто уште подобро. Првичните замисли ни беа да атакуваме на двата домашни трофеи како и најмалку на пласман во плејофот во АБА2, но подготвени сме да сториме сѐ што е во наша моќ да го дооформиме тимот со кој би дошле до финалето, а таму нека победи подобриот. Не е тајна дека не сме задоволни од учинокот на дел од странските засилувања и во следниот период дефинитивно ќе направиме претумбации во тој дел. Активни сме на пазарот барајќи поквалитетни дополнувања, иако немаме премногу време, бидејќи преодниот рок во АБА завршува в сабота. Промени сигурно ќе има, но на кои позиции и место кои интернационалци, дополнително ќе биде решено, изјави Грнчаров.
Поради репрезентативни настапи, во националните и регионалните првенства следува тринеделна пауза, по што МЗТ Скопје ќе продолжи со настапите во АБА 2 и во македонската Првата лига.