Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими Цвета Карајанчева, претседателка на Народното собрание на Република Бугарија.
На средбата, како што информираат од Кабинетот на Пендаровски, беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави и притоа беше изразена цврстата определба за натамошно зајакнување и унапредување на добрососедските односи и продлабочување на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Претседателот Пендаровски нагласи дека Договорот за добрососедство, пријателство и соработка внесе позитивна динамика во политичките односи меѓу двете земји, што се одразува и во останатите области од заемен интерес, како економијата, одбраната, транспортот и комуникацијата, образованието, животната средина, културата и туризмот.
Пендаровски изрази благодарност за континуираната поддршка од Бугарија за зачленувањето на Република Северна Македонија во НАТО, подвлекувајќи дека членството на нашата држава во Алијансата позитивно ќе влијае за стабилноста и просперитетот на целиот регион.
На средбата е реафирмирана заложбата на двете држави за афирмирањето на мирот, стабилноста и колективната безбедност во цела Европа. Во контекст на потребата од забрзана интеграција на регионот во евроатлантските структури, претседателот Пендаровски изрази очекување дека поддршката од Република Бугарија ќе продолжи и во иднина.