Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска ја прими Паола Северино, Специјален претставник на Претседавачот на ОБСЕ за борба против корупцијата.
На средбата претседателот Пендаровски истакна дека Република Северна Македонија високо ја цени долгорочната плодна соработка со ОБСЕ, како и поддршката и помошта што државата ја добива во нејзините напори за подобрување во владеењето на правото, судскиот систем, изборните реформи, меѓуетничките односи и процесот на децентрализација.
Претседателот Пендаровски посочи на подготвеноста на државата да ја продолжи соработката со ОБСЕ, во согласност со националните приоритети, особено во однос на спроведувањето на националните стратегии и акциони планови, преку обезбедување експертиза и законодавни совети.
Истакнувајќи ја важноста за системско справување со корупцијата, претседателот Пендаровски го посочи донесувањето на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси (2020-2024) како важен чекор кон намалување на можностите за корупција и обезбедување на јавната доверба кон вршењето на власта со јакнење на интегритетот, транспарентноста и отчетноста во сите сектори во општеството. Претседателот Пендаровски ја реафирмираше потребата за скорешно усвојување на стратегијата во Собранието.
На средбата беше посочена важноста од донесување на Законот за јавно обвинителство.