Прекуокеанската пловидба од Хаваи до Тајван, долга пет години изгледа сосема неверојатно. Приказната звучи уште поневеројатно ако се земе предвид дека нејзин главен јунак е „фото – апарат“.
Многу малку туристи го дочекуваат враќање на работите, кои ги загубиле за време на патувањето. Меѓу нив е и Американката Линдси Крамбли Скелан, која не го криела изненадувањето кога кон крајот на минатата недела добила повик од авио-компанијата „Чајна ерлајнс“.
Линдси за време на летувањето на Хаваи во 2007 година го загубила својот фото-апарат додека нуркала. Со него „потонале“ и сите нејзини фотографии од незаборавното патување, како и надежта дека ќе го пронајде.
– Секако дека не го најдовме апаратот, иако го баравме, така што во еден момент едноставно се откажавме, изјави таа за „Hawai News Now“.
Тоа било големо разочарување, бидејќи не само што апаратот бил скап, туку во него биле и сите нејзини фотографии.
Пет години и некои пет илјади милји подоцна, океанот го исфрлил апаратот на една тајванска плажа. Го пронашле Даглас Ченг и Тим Чунаг, вработени во компанијата „Чајна ерлајнс“.
Со оглед на тоа дека апаратот и мемориската картичка била сочувани и биле во мошне добра состојба, пронаоѓачите ги проучиле фотографиите и одлучиле да ја пронајдат „мистериозната личност“, која е на нив.
Во потрагата ја вклучиле и авио-компанијата во која се вработени и на тој начин е создадена фејсбук страницата „Чајна ерлајнс те бара“, на која со информациите за пронаоѓањето биле објавени и фотографиите на сопственичката на апаратот.
Приказната се проширила со огромна брзина по социјалните мрежи, така што не поминално многу време пред Линдси да ја открие страницата и да сфати дека токму нејзе ја бараат.
– Бев пресреќна кога видов дека тоа е мојот апарат и оти моите стари слики се сочувани. Не можев да верувам дека малиот апарат толку долго пловел, без ништо да му се случи, рече среќната патничка.
Нејзиното задоволство било уште поголемо кога компанијата „Чајна ерлајнс“ и понуди бесплатен билет до Тајван со цел сама да дојде и да си го земе апаратот.