Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска со кандидатот за градоначалник од Куманово Зоран Ѓорѓиевски ја посетија детската градинка во населбата „Гоце Делчев“ од каде што ветија проширување на капацитетот на градинката и изградба на мини плоштад за оваа населба.
– Ова е место каде што идниот градоначалник Зоран Ѓорѓиевски планира да го дуплира капацитетот на постоечката градинка, ќе се изгради уште едно ниво, бидејќи има потреба да се прифатат повеќе деца од тоа што е сега потребно, оние кои што сега се сместени, се сместени во претесни капцитети, рече Груевски.
Тој посочи дека ова е еден од првите проекти што ќе го реализира, бидејќи населбата е голема и има потреба од ваков проект. – Планирана е и изгрдаба на мини плоштад во постоечкиот трговски центар во оваа населба, место каде што ќе се собираат граѓаните за различни потреби, додаде Груевски.
Со кандидатот за градоначалник разговараа и за други проекти опфатени во програмата на кандидатот. – Еден од најзначајните проекти е изградба на индустриска зона која е планирана на излезот во Куманово на автопатот во која ќе се инвестираат 100 милиони денари и во која во иднина треба да се привлечат компании кои треба да изградат нови погони и фабрики во кои ќе се отворат нови работни места, наведе Груевски.
Покрај овој проект најави и решавањето на проблемот со водоводот и канализациски мрежи во повеќе делови од градот.
Претседателот на ВМРО ДПМНЕ им се заблагодари на кумановци за изразената поддршка на кандидатот што е предложен и воедно им честиташе за, како што рече, препознавање на опцијата која е понудена и како партија и како програма и како кандидат за градоначалник.
– Граѓаните препознаа човек кој навистина може да стави крај на некои работи во Куманово кои не им се допаѓаа на повеќето луѓе и да почне нов процес и нова страница за Куманово што ќе биде испишана со проекти, дела и напредок за решавање на проблемите во градот, рече Груевски.
Тој повика жителите на Куманово на седми април масовно да излезат како и во првиот изборен круг и да дадат поддршка за промени во Куманово, промени, како што нагласи, „за подобро Куманово, промени кои нудат проекти и решавање на проблеми зацртани во програмата на ВМРО ДПМНЕ и на Зоран Ѓорѓиевски“.
Кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата Ѓорѓиевски информира дека го запознал премиерот со проблемот на жителите од населбата „Гоце Делчев“ и проектот за проширување на капацитетот на постоечката градинка.
– Со реализација на овој проект бенефит ќе имаат граѓаните од населбите „Гоце Делчев“, „Зелен Рид“ и „Вера Которка“, рече Ѓорѓиевски и најави ревитализација на, според него, запушениот мини плоштад во населбата.