Македонскиот фотограф Боро Рудиќ за фотомонографијата „EXIT“ jа освои првата награда во делот за издаваштво на PhotоExpo Rendez-vous Image – фестивал на фотографии и книги кој традицонално се одржува во Стразбур.
Фотографиите во книгата се поделени во четири целини: Влез (во град), Пораки (на градот), Излез и Финиш. Преку нив авторот го искажува својот став кон животот во современите градови, кој нè води кон отуѓување и укажува на потребата да се излезе од нив, во потрага по нешто подобро, што треба да го откриеме самите или, пак, сите заедно.
– Иако EXIT е приказна за градот, пред сè се однесува на животот и порачува дека не треба да се плашиме од промени, дека секогаш постои подобра алтернатива што треба само да ја побараме, вели авторот Рудиќ.
Фестивалот се одржа на крајот на минатиот месец во Конгресната палата во Стразбур и имаше повеќе од 3700 посетители. Беа прикажани околу 800 фотографии и 44 фотокниги кои влегоа во финалната конкуренција.