Државната изборна комисија (ДИК) денеска треба да ја продолжи расправата по приговорите за изборниот процес пристигнати во законски предвидениот рок.
До синоќа одбиени се 27 приговори на СДСМ за Кисела Вода и Штип, а делумно се уважува приговорот за Демир Капија, а лицето кое јавно го покажало заокруженото избирачко ливче може да заработи прекршочна пријава.
Претходно ДИК ги одби 38-те приговори на ДОМ и едниот на Демократска партија на Турците, за нерегуларности во Пласница. За приговор на Народното движење за Македонија, ДИК ќе одлучува дополнително.
До ДИК во законски предвидениот рок, по затворањето на гласачките места по првиот круг од гласањето на локалните избори пристигнаа вкупно 428 приговори. Најголем дел од приговорите по кои одлучува ДИК, има поднесено СДСМ и тоа над 70 во Охрид, над 60 во Радовиш, околу 40 приговори во Ресен, 80-ина во Аеродром, Штип 20, Прилеп 37, …
Приговорите се поднесувани по два основи, еден за повреда на постапката на гласање и друг за резултатите од гласањето. Рокот за приговори по повреда на постапката на гласање заврши завчера во 19 часот, односно 48 часа по затворањето на гласачките места. Рокот, пак, за приговори на резултатите од гласањето е 48 часа од потпшувањето на записникот од страна на Општинската изборна комисија.
Државната изборна комисија согласно законските одредби треба во рок од 48 часа да донесе одлуки по поднесените приговори. По завршувањето на овој рок политичките партии ќе имаат повторно 48 часа да поднесат тужби до Управниот суд чии одлуки се последни и конечни и по кои ќе се знае дали и каде ќе има прогласување.
На вчерашната седница членовите на ДИК се договорија да побараат општинските изборни комисии до нив да ги достават оригиналните записници од избирачките места на кои се однесуваат приговорите со цел да може да се види дали тие имаат основ. Дополнително, во текот на расправата тие ќе одлучат дали треба да се достават и други изборни материјали, како избирачките списоци и гласачките ливчиња.
Претходно претседателот на Комисијата Борис Кондарко побара до нив да се достават целокупните материјали за местата за кои има приговори, што не беше прифатено од мнозинството.