Франкофонските вредности и се блиски на Република Македонија и треба да ги негуваме и афирмираме.
Иако во Организацијата на франкофонијата сме само 12 години, франкофонската традиција во нашата земја има многу подлабоки корени, истакна претседателот Ѓорге Иванов, кој заедно со амбасадорката на Франција Лоренс Оер денеска ја посети студиската група за француски јазик и книжевност на Катедрата за романски јазици и книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”.
Повод за посетата се деновите на Франкофонијата и во оваа пригода шефот на државата им се заблагодари на Амбасадата на Франција и на Францускиот институт за нивната активна улога во промоција на францускиот јазик во Македонија. Истакна дека и натаму треба да останеме посветени на неговата употреба како јазик кој, меѓу другото, има и исклучително значење во Европската унија.
Иванов беше информиран за функционирањето на Катедрата за романски јазици, постигнатите успеси, објавените трудови, интересот за изучување на францускиот јазик, како и за соработката на Катедрата во која припаѓаат и студиските групи за италијански и за шпански јазик и книжевност.
Деканот на Филолошкиот факултет Славица Велева се заблагодари за посетата на претседателот Иванов и изјави дека е особена чест за студентите и професорите на студиската група за француски јазик што Денот на Франкофонијата – 20 март симболично се одбележа токму на нивната катедра.
Иванов ја посети и библиотеката на Катедрата за романски јазици и книжевност, една од лабораториите за изучување јазици и проследи дијалог од претстава на француски јазик, подготвена од студенти на Катедрата.