„Ние сакаме општество на слободни луѓе, тие сакаат збирштина од безрбетници. И тука нема компромис“, ова е пораката на трагично загинатиот новинар и сопственик на Фокус. Граѓаните на социјалните мрежи ја споделуваат неговата мисла за борба на слобода на говорот.
За да дојдеме до посакуваната цел, за да станеме дел од современиот европски свет, ние мораме да создадеме простор за различното мислење, кое ќе се соопштува без страв од било какви последици. За таа цел, неделната доза се покажа недоволна, па, еве, стигнавме до дневен “Фокус”. Во таа битка вложуваме се. Го заложуваме сопствениот личен и професионален интегритет. Неделниот “Фокус” ги вложува сопствените средства во дневното издание, за да остане свој, за да можеме секому да му кажеме што мислиме.
Но, многу повеќе, за да ги охрабриме сите граѓани, да знаат дека не се сами во желбата за создавање услови за живот, достоен на времето што го живееме. Со таа мисла, ве повикувам на ова возбудливо патување, кое на крајот ќе покаже дека нема цена, која не вреди да се плати за да се стигне до слободата. Само така ќе стигнеме до Македонија, во која народот ја контролира власта, а не таа него. Која и да е!“, вели борецот за слобода на медиумите Никола Младенов во едно од своите интервјуа.