Државната изборна комисија (ДИК) денеска по расправата за барањето од дополнителниот заменик-министер за финансии Гордана Димитриеска Кочоска едногласно утврди дека решенијата за избор за унапредување административен службеник од трети јануари годинава за кои се бара да се произнесе ДИК не претставуваат акти или документи кои се однесуваат на правни, финансиски и кадровски прашања поврзани со организација на изборите од член 46, став 3 од Законот за Влада.
Одлуката на ДИК во однос на решенијата бр. 04 -332/1 заклучно со број 04-332/20, е конечна, потенцираше претседателот на ДИК Оливер Деркоски.
Во расправата членовите на ДИК имаа спротивставени размислувања.
За Борис Кондарко барањето на дополнителниот заменик-министер за финансии се однесува на две прашања – дали одлуките потпишани од државниот секретар во Министерството за финансии се законски и дали тие се во правна сила.
Согласно одредбите на Законот за Влада, за да можеме да постапуваме, сметам дека ние немаме доказ дека таму е постапено од страна на подносителот на барањето согласно член 46, став 4.
И исто така за временскиот период за кој се однесуваат овие одлуки, а тоа е трети јануари оваа година што кореспондира со изборот на техничката Влада, па затоа не сум сигурен дека на тој датум подносителот на барањето воопшто е формално стапена на функцијата, рече Кондарко.
Посочи дека ДИК ниту според Изборниот законик, ниту според Законот за Влада, никаде не е овластен да цени законитост на управни акти, тоа, како што рече, се прави во други институции и процедура.
Елизабета Постоловска се повика на членот 48 од Законот за Влада во кој, како што рече, изречно се наведува дека само во случаи на несогласуавања меѓу министерот и дополнителниот заменик-министер надлежни сме да одлучуваме само за прашања кои се поврзани со организација за избори, а не да ја цениме и законитоста и содржината на самите конкретни акти.
Претседателот на ДИК рече дека покрај аргументите од неговите колеги, има уште еден процедурален аргумент – датумот на носење на ова решение е трети јануари 2020.
Образложи дека тоа е датум кога се избра техничката Влада и истиот ден дополнителните заменици-министри не беа стапени на функција.