Политичари и бизнисмени дел од порнографската група каде што се споделуваат фотографии од малолетнички

Од:

Името на групата на апликацијата „Телеграм“ каде што се споделуваат порнографски видеа и фотографии од девојки од Македонија, од кои дел се малолетни, е променето од „Јавна соба“ во „Само за возрасни“, бројот на членови се намали, но фотографии и понатаму продолжуваат да се споделуваат.

Откако вчера беше обелоденето постоењето на оваа група на апликацијата „Телеграм“, каде што членовите меѓусебно си споделуваат разголени фотографии од девојчиња, социјалните мрежи зовреа од коментари и реакции. Голем дел од нив се однесуваа и на тоа зошто девојките воопшто правеле разголени фотографии, нешто што според Хелсиншкиот комитет, само укажува на двојната виктимизација во ваквите случаи.

„А1он“ влезе во таканаречената „Јавна соба“ и можеше да ги следи коментарите и споделените фотографии и видеа од над 7.400 членови, а меѓу нив, според телефонските броеви, забележавме и поранешни високи функционери, менаџери на кафулиња, новинари, бизнисмени… Паника настана кога групата беше јавно објавена, па за неполн час 600 членови ја напуштија. Останатите продолжија да споделуваат порнографски содржини, телефонски броеви од девојки и нивни разголени фотографии.

Дел од нив се преземаат од интернет, дел од фотографиите се од Инстаграм профили на девојки од Македонија, но дел се приватни видеа и фотографии кои најверојатно девојките ги споделиле со нивни поранешни партнери или пријатели. Загрижува фактот што членовите во групата, од кои најголем дел се кријат зад прекари, а телефонскиот број им е скриен, разменуваат и телефонски броеви на девојки кои „лесно даваат“ и „секогаш се подготвени да ви се сликаат голи“.

Според нашите информации, оваа група ја има отворено малолетно лице, но со тек на време во групата се вклучиле и полнолетни лица. За случајот алармираа и професори од средни училишта,  дополнителната заменик-министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска веќе изјави дека е отворена истрага за случајот, а од Хелсиншкиот комитет велат дека утре ќе биде поднесена пријава до Секторот за компјутерски криминал во МВР.

„Од добиените информации од социјалните мрежи, ќе оформиме предмет и утре и официјално ќе се обратиме до МВР. Секторот за компјутерски криминал може да ја најде адресата на админот и откако ќе го извести ОЈО, треба да се издаде налог за претрес односно одземање на компјутерска опрема и телефон. Најважно е да се проверат сите претпоставки и да се исклучи можноста доколку админот е малолетник или некој возрасен да стои зад идејата за групата. Мултисекторскиот пристап е многу важен во случајот особено од аспект на психо-социјална заштита на девојчињата бидејќи тие сега ќе се соочуваат со двојна виктимизација. На социјалните мрежи веќе се шират постови со осуда на девојките што за жал е секогаш случај кога девојки и жени се во прашање. Ние ќе бидеме цело време во контакт со МВР но ќе вршиме и притисок до ОЈО за соодветно постапување“, вели Уранија Пировска од Хелсиншкиот комитет.

Сето ова, очигледно не ги засегна членовите на групата.

„Нема да можат да не уапсат 7.000 членови“, напиша еден.

Според нашите сознанија, веќе е отворена нова група, која се уште не е ставена во функција. Сето ова дополнително загрижува од аспект на фактот што фотографиите и видеата се веќе во рацете на илјадници членови, а самата руска апликација „Телеграм“ е тешко да се следи, со оглед на тоа што постои можност да се скрие телефонскиот број на корисникот, а тој да се претставува со прекар. Сето ова е направено со цел да се заштити приватноста на корисниците на „Телеграм“, но очигледно не и на оние кои се наоѓаат на мета во вакви случаи.

Би можело да ве интересира

Севернокорејските војници распоредени во Русија станаа зависни од интернет

Горан Наумовски

Поведена истрага против жител на струшко Велешта за детска порнографија

Телеграм ја прилагоди својата политика за приватност за да сподели повеќе податоци со властите

Украина ја забрани употребата на Телеграм на официјалните уреди на службениците

Дуров: Помогнав во борбата против тероризмот во Франција

Шефот на Телеграм Дуров останува во притвор во Франција

Катерина Ѓуровски