Преспанскиот договор, според сите најави ќе биде топ тема и на следните предвремени парламентарни избори. Иако со овој договор се отвори патот за членството на земјата во НАТО и за почеток на преговорите со Унијата, власта и опозицијата и во следната изборна кампања ќе се препукуваат за неговите предности и слабости.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, вчера изјави дека укинувањето на Договорот од Преспа со Грција, кое го најави ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде опасно и може да ја врати земјата 25 години назад. Довчерашниот премиер на Северна Македонија, уште додаде дека не верува во победата на ВМРО-ДПМНЕ, на овие избори, уште помалку дека оваа партија ќе освои 2/3 мнозинство за да го смени Договорот.
– Дали ВМРО-ДПМНЕ се свесни што ќе се случи ако се уништи Преспанскиот договор? Укинувањето би не вратило 25 години наназад, и би го вратило ПЈРМ односно ФИРОМ, име со кое бевме именувани на сметка на уставното име. Тоа ќе значи укинување на членството во НАТО, губење на ЕУ перспективата, губење на милијарда евра инвестиции. Без договор од Преспа, ќе исчезне поддршката од нашите стратешки партнери, нови блокади од Грција, нова внатрешна нестабилност и ризици за конфликти, рече Заев вчера на прес-конференција.
Тој додаде дека укинувањето на договорот е опасна работа и оти затоа целата демократска јавност и СДСМ се тука да гарантираат дека договорот од Преспа ќе живее, и дека ќе донесе иднина за нашата земја.
Коментирајќи ја оваа изјава на Зоран Заев, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, рече дека тие не се закануваат, туку го кажуваат она што го мислат граѓаните и тие како политички субјект.
– Ние сепак стоиме позади тоа дека овој договор е штетен. И ќе биде штетен и ќе остане штетен бидејќи се задира во идентитетот, се задира во се она македонско. И точно така ние веќе неколку пати кажуваме дека доколку граѓаните ни дадат шанса ние ќе пробаме да го ревидираме. Не се закануваме по никого сакаме да имаме пријатели насекаде, но се разбира не треба да се срамиме од тоа што сме и никогаш нема да се срамиме. Ние сме Македонци и ќе останеме Македонци каде и да сме, изјави Мисајловски.
Меѓутоа за пошироката јавноста употребата на Преспанскиот договор, во политичка кампања не е ништо ново. Одредбите од овој Договор потпишан во јуни 2018 година, беа неразделен дел од предизборната кампања за прв човек на државата, односно за претседателските избори одржани во 2019 година.