Паралелно со организирање на изборите, ќе понудиме силни аргументи за позитивна одлука на Европската Унија за старт на преговорите во претстојниот период, истакна премиерот Оливер Спасовски на денешната средба со британската амбасадорка во земјава, Рејчел Галовеј.
Спасовски, во свое име и во име на Владата, се заблагодарил за континуираната поддршка од Обединетото Кралство во спроведувањето на реформите и за аспирациите на нашата земја за членство НАТО и ЕУ, и изразил увереност дека двете земји ќе ја продолжат плодната соработка како партнери и сојузници.
Како што соопшти владината прес-служба, премиерот потенцирал дека нашата земја го очекува полноправното членство во НАТО пред изборите во април и дека во меѓувреме се исполнуваат сите обврски и одговорностите за нашата партиципација во Алијансата, вклучувајќи ја и модернизацијата на Армијата и нејзиното финансирање согласно стандардите на Пактот.
Премиерот нагласил дека паралелно со активности за организирање на предвремените избори во април, Владата останува посветена на стабилизирање на демократијата, на спроведување на реформските процеси, на одржувањето на политички дијалог, стабилни меѓуетнички односи, и функционални институции, како аргументи за позитивна одлука на ЕУ за старт на преговорите во претстојниот период.