Предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, со чии законски измени почнува постапката за укинување на техничката влада, денеска е пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно-правната комисија.
Досега имаше три технички влади. Првата во 2016 беше предводена од Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ, втората во 2020 предводена од Оливер Спасовски од СДСМ и третата во 2024 предводена од Талат Џафери од ДУИ.
Преодна Влада подразбира дека сто дена пред избори актуелниот премиер поднесува оставка. Се формира нова Влада на чело со друг премиер предложен од власта, а во Владата влегуваат и пет функционери од опозицијата: двајца министри – за внатрешни работи и за социјална политика, и тројца дополнителни заменик-министри – за финансии, за земјоделство и за јавна администрација. Власта, пак, има дополнителни министри во двата ресора каде што министерот е од опозицијата.
Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе дискутираат и по Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за пратениците по скратена постапка, со кој се предвидува кандидатот за пратеник да има само државјанство на Република Северна Македонија.
На дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање е Предлог-законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, по скратена постапка.
На седницата на Законодавно-правната комисија се Предлог-законот за изменување на Законот за внатрешната пловидба, Предлог-законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија и Предлог-законот за изменување и дополнување на законот за пратениците, сите по скратена постапка.
