Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ денеска ќе организира јавна расправа за Предлогот за изменување и дополнување на Законот за употребата на македонскиот јазик. Предлагач е Советот за македонски јазик, во координација со министерствата за култура и за образование и наука.
Според претседателот на Советот, Људмил Спасов, фактички се работи за нов закон зашто сосема поинаку и суштински ја разгледува употребата на македонскиот стандарден јазик во нашата држава, но и надвор од неа.
Меѓу најважните новини во предложениот закон е да се отворат нови лекторати во странство и да се возобноват тие што постоеле, да се создаде електронски корпус на сите научни истражувања за македонскиот јазик и да се формира инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик како посебна институција во рамките на Министерството за култура.
Предложено е и на сите универзитети во нашата држава задолжително да се изучува македонскиот јазик во траење од два семестра, а во културните центри во нашите амбасади во странство да се изучува македонски јазик за сите заинтересирани во таа држава.